Специфичната географска положба на Република Македонија овозможила низ овие простори да поминуваат разни народи, а со тоа и да оставаат бројни цивилизациски и културни вредности. Таа е во центарот на Балканот, кој претставуваа врска меѓу Европа и Азија - два континента со кои во голем дел е поврзана историјата на старите народи. Низ Македонија минувале важни комуникации што го поврзувале Истокот и Западот, каде се судирале различни погледи на животот и светот, каде што се раѓале нови идеи. Големиот број на споменици на територијата на Република Македонија, со своето богатство го претставуваат континуитетот на борбата на еден народ кој низ вековите успеал да се одржи, но и да ги зачува својата традиција и култура. Сите тие споменици се непресушен извор за нашата историја. Оттука, заштитата на спомениците претставува постојана обврска и грижа не само на државата, туку и на институциите чии основни дејности се:
- матични функции,
- управни работи,
- безбедност на културно наследство,
- идентификација на културното наследство (увид, валоризација, ревалоризација, евиденција),
- археолошки истражувања,
- изработка на проекти,
- конзерваторско-реставраторски работи,
- изработка и чување на документација,
- популаризација и презентација на споменичкото наследство.
Националната установа - Републички завод за заштита на спомениците на културата е стручна институција од областа на културата, со статус матична институција, основана за вршење на дејноста - заштита на спомениците на културата. Заводот е основан со уредба на Владата на НР Македонија од 4 март 1949 година како Централен завод за заштита на културните споменици и природните реткости со седиште во Скопје, а денешното име го носи од 2003 година.
|