|
Република Македонија |
| Организација | Управни работи | Проекти | Извештаи | Маркетинг | Издаваштво | Воени дејства | Линкови | Актуелно | Контакт |
За време на вооружените дејствија во 2001 година во кризните региони спомениците на културата беа користени како воени објекти, а дел од нив беа и предмет на напад. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата со Решение бр. 07-1423 од 17.10.2002 година и измена на Решение бр. 07-1423/2 од 28.11.2002 година формира Комисија за процена на штета на споменици на културата во кризните подрачја настаната како последица од вооружените дејствија во 2001 година. На 18 и 19.12.2002 година Комисијата изврши увид во состојбата на следниве оштетени споменици на културата во кризните региони:
Манастирски комплекс Матејче, с. Матејче - општина Липково Манастирот Матејче со црквата Света Богородица е значаен средновековен монашки центар од 14 век. Според своите архитектонски карактеристики, црквата припаѓа кон градбите со крстообразен план, со основа впишана во правоаголник, со петкуполно решение и нартекс. Источниот крак на крстот е издолжен, така што во планот на градбата е нагласен олтарниот дел со двете бочни капели - протезисот и ѓакониконот. Централната купола е дванаесетстрана и лежи на четири слободни столпци. Малите куполи, чии тамбури се осумстрани, се наоѓаат во аглите на градбата, во источниот дел - над протезисот и ѓакониконот, додека двете западни куполи се сместени на северната и јужната страна на нартексот. Со грандиозни димензии, со монументалноста на конструктивниот склоп, со петкуполно решение, со дванаесетстраниот тамбур на централната купола и со артикулацијата на фасадите, црквата Света Богородица во Матејче се вбројува во редот на најмаркантните споменици на средновековната архитектура на нашето подрачје од средината на 14 век. Со своите карактеристики, архитектурата на Богородичината црква претставува репрезент на градителската традиција која, во контекстот на иновациите на архитектонското творештво на епохата на Палеолозите се развивала на подрачјето на Балканот. Во внатрешноста на црквата е зачуван живопис од од 14 век кој е со исклучителни стилски и иконографски особености. Со богатството на зачуваниот живопис, разновидната тематика илустрирана во многубројните циклуси, со специфичните иконографски решенија и со препознатливиот стилски јазик, црквата Света Богородица се вбројува во рангот на најатрактивните сакрални објекти, создадени на Балканот во средновековниот период. Всушност, црквата Света Богородица во Матејче го претставува најголемиот сликан ансамбл на македонска територија во 14 век и вториот по големина на Балканскиот Полуостров. Таа е еден од најрепрезентативните споменици на византиската ликовна уметност и е ремек дело на дворскиот стил на палеологовската епоха. Оштетувања од воените дејствија: Во црквата Успение на Богородица најголемите оштетувања се на живописот од 14 век направени во неколку наврати. Констатирани се механички и хемиски оштетувања (со тврди предмети, фломастери, боја во спреј и др.), како и површини со целосно уништен живопис. Во внатрешноста на црквата извршени се насилни копања во подот на наосот, олтарниот простор, како и пред главниот влез. Оштетувања се видливи и на венецот на ѓакониконот, транзените на западната фасада како и други оштетувања од куршуми на истата фасада. Влезните врати на западната и јужната страна се целосно уништени, со што процентот на влагата во црквата е загрижувачки висок и претставува сериозна опасност за опстанокот на живописот. Во камбанаријата се констатирани копања во подот како и еден раскопан гроб. Видливи оштетувања има и на кровната конструкција на конаците и демолирање на нивниот ентериер, како и помали оштетувања и разнесување на материјалот од манастирскиот ѕид. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
|
||||||||||
| горе | ||||||||||
Црква Св. Ѓорѓи, с. Матејче - општина ЛипковоЦрквата Св. Ѓорѓи е мала еднокорабна градба. Таа е изградена и насликана во првата половина на 14 век.Оштетувања од воените дејствија: Кровот, горните партии од ѕидовите, венецот, вратата и подните камени плочи се уништени. Делумно е урнат северниот ѕид и апсидата. Живописот кој е зачуван на јужниот и западниот ѕид покрај механичките оштетувања, изложен е и на разорното дејство на атмосферските влијанија. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
|
||||||||||
Манастирски комплекс Лешок, с.Лешок - општина ТеарцеМанастирскиот комплекс е лоциран во непосредна близина на селото Лешок. Во него се наоѓаат црквата Св.Атанасие изградена во 20 век, црквата Св.Богородица изградена во 14 век и манастирските конаци изградени во 19 век.Тој бил напуштен кон крајот на 17 век се до 1818 година, кога е обновен од страна на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. По неговото доаѓање во Лешок тој го обновува манастирскиот живот. Архитектонската физиономија на манастирскиот комплекс ја обликуваат следните објекти: црквата Св. Богородица е решена во форма на триконхос. Од надворешната страна конхите се тространи. Таа за прв пат се спомнува во првата половина на 14 век, односно 1326 година. Нартексот е дограден подоцна. Има трослоен живопис кој му припаѓа на 14, 17 и 19 век. црквата Св. Атанасие Александриски се наоѓа на два километри над селото Лешок. Таа му припаѓа на рановизантискиот тип крстообразни црква од 14 век, кај која доминира форма на слободен крст. Градена е од камен бигор и тула, начин на градба карактеристичен за византискиот период. Подот е покриен со мермерни плочи. Од некогашниот иконостас зачувани се неколку мермерни столбови, со капители украсени со човечки и животински глави. Фреско-живописот му припаѓа на истиот перод кога црквата е подигната. Во црквата е пронајдена надгробна плоча од гробот на ктиторот на црквата, долнополошкиот епископ Јоаникиј (поранешен јеромонах Антониј). На натписот на плочата стои дека јеромонахот Антониј го започнал ѕидањето на храмот за време на владеењето на кралот Милутин. Денес, во дворот на Лешочкиот манастирски комплекс се наоѓа гробот на еромонахот Кирил Пејчиновиќ, а во конаците на манастирот е уредена спомен-соба во која се чува и надгробната плоча со испишан текст што самиот го приготвил. Тој секогаш се потпишувал како ,,игумен Лешачкаго манастирја Светаго Атанасија.,, црквата Св. Атанасие е изградена во периодот од 1924 до 1934 година. Таа припаѓа на црквите со триконхална основа од развиен тип со купола. Нартексот од западната страна завршува со две идентични кули камбанарии. Целиот објект е подигнат на камено цокле, со влезни скали на западната страна кои продолжуваат во монументален портал. Кај овој тип основи, централната купола ја носат четири масивни камени пиластри во наосот. На страничните ѕидови се сместени конхи, идентични како олтарната апсида, кои се полукружни од внатрешната страна, а петострани однадвор. Резбаниот иконостас и владичкиот стол потекнуваат од 1936 година. Црквата е живописана во 1960,1961 и 1967 година. Оштетувања: Во списокот на уништени и оштетени објекти се наоѓа и манастирскиот комплекс Св. Богородица, познат како Лешочки манастир. Поточно предмет на терористичкиот атак беше црквата Св. Атанасие, која на 21.08.2001 год. од дејство на експлозивно средство речиси, целосно беше уништена. Во текот на кризниот период, на 28.08.2001 год. националната служба за заштита на културното наследство, го изврши првиот увид во состојбата на Лешочкиот манастир, во присуство на претставници на меѓународната заедница (КФОР, ОБСЕ). Во таа пригода, при непосреден контакт со разрушениот објект беше направено и првичното, визуелно согледувања на оштетувањата при што, констатирани се големи и сериозни оштетувања на црквата Св. Атанасие, каде централниот - главен дел, наосот и олтарниот простор беа целосно уништени, а останати се само двете кули и зидовите од нартексот. Додека кај сочуваниот- несрушен дел од црквата постојат видливи оштетување и пукнатини кои влијаат на неговата конструктивна стабилност. На 29.10.2001 год. стручна екипа од РЗЗСК, при повторно извршениот увид во состојбата на архитектонските објекти во Лешочкиот манастир констатирала дека нема промени кај остатоците од црквата Св. Атанасие во однос на состојбата непосредно после разрушувањето. При овој увид забележени се оштетувања кај гробот на Кирил Пејчиновиќ. Тие се однесуваат на надгробната плоча која била извадена и искршена и, видливи раскопувања околу подолжната страна на гробот. Во текот на овој период, стручните служби на РЗЗСК не можеа да извршат увид во состојбата на старата црква св. Атанасие Александриски поради необезбеден пристап до споменикот. Комисијата за процена на штета на спомениците на културата во кризните подрачја, при посетата на црквата констатира дека нема видливи оштетувања на архитектурата од воените дејствија. Целиот фонд пак на фрагментарно сочуваниот живопис, претрпел механички и хемиски оштетувања (со тврди предмети и мрсна боја). Постоечката камена пластика (делови од иконостасот и ктиторскиот саркофаг) и подните камени плочи се растурени и искршени. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
|
||||||||||
Археолошки локалитет Балтепе, ТетовоЛокалитетот лежи на околу 3 км северозападно од Тетово, во масивот на Шар Планина. Површината на Калето, која е опфатена со ѕидови има неправилна форма. На локалитетот се видливи остатоци од објекти од хелинистичко време (4-3 век п.н.е.), доцноримско и рановизантиско време (4-6 век), ран среден век (4-7 век) и османлиски период (до 19 век). Оштетувања: Поголеми видливи оштетувања од воените дејствија на локалитетот нема. Забележливо е обрушување на камената ѕидарија на југоисточниот агол од сарајот, предизвикано од гранатирање. Најголемите оштетувања се видливи на црквата Св.Атанасие подигната во првата половина на 20 век. Оштетени се источниот и јужниот ѕид со дел од кровот. | ||||||||||
Фотографии |
||||||||||
Шарена џамија, ТетовоЏамијата е подигната и декорирана во 1883 година. Таа е значајна и препознатлива со своите оригинални внатрешни и надворешни сликарски декорации. Особено е живописана од јужната страна. Оштетувања: За време на воените дејствија направени се оштетувања од куршуми на југоисточната фасада каде е оштетена ѕидната декорација и искршени се дел од прозорите. Исто така во североисточниот дел од тремот е оштетена ѕидната декорација. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
|
||||||||||
Чарши џамија, ПрилепЏамијата е сместена во непосредна близина на Саат-кулата, во комплексот на старата прилепска чаршија. Со својата специфична конструкција Чарши џамијата претставува редок пример на османлиската сакрална архитектура кај нас. Таа се состои од два дела: старата издолжена правоаголна градба и подоцна доградениот двоспратен трем. За градбата на постариот дел од џамијата дознаваме од зачуваниот натпис над влезниот портал во молитвениот простор (1475 год.). Во почетокот на 17 век кон северната страна на молитвениот дел е дограден отворен трем, кој подоцна се затвора. На третата фаза на градба припаѓа денешниот двоспратен затворен трем кој е изграден во почетокот на 19 век. Оштетувања: Во 2001 година џамијата е целосно опожарена. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
Арабати баба теќе, ТетовоКомплексот Арабати баба теќе или Серсем Али баба е подигнат во 18 век и претставува единствено комплексно зачувано теќе во Македонија. Теќето го подигнал Реџеп-паша припадник на моќно семејство тетовски паши кои владееле со огромни територии од централна и западна Македонија. Теќето се состоело од повеќе објекти од кои зачувани се: кула, богомолка, турбе, шадрван, чешма, кујна, гостински конак, дервиш-хане, харемлак. Во централниот дел се сместени се репрезентативните простории за религиозни обреди, прием на гости и живеење на бабата и дервишите (шадрван, турбе, богомолка, кујна-трпезарија, дервиш-хане). Во јужниот дел од пространиот двор биле сместени економските згради (амбари, штали, простории за слугите и др.). Северниот дел од дворот е одвоен со висок камен ѕид, и во него е сместена кула и станбена зграда за живеење. Оштетувања: Од објектите кои влегуваат во состав на теќето најмногу е оштетен објектот Аскерана. Оштетувањата се состојат во целосно уништување на ентериерот (електрична инсталација, бањи, греење, подови), и оштетување на дел од кровот и јужната фасада од гранатирање. Кај објектите кујна и ресторан видливи се мали оштетувања на кровните стреи од гранати и искршени стакла. Во ентериерот уништена е електричната инсталација, како и инсталациите во кујната и тоалетите. На источниот ограден ѕид пробиени се отвори за пушкарници. |
||||||||||
Фотографии |
||||||||||
|
||||||||||
|