Посета на културното наследство во Велес
На 03 септември 2025 година Министерот за култура и туризам Зоран Љутков беше во работна посета на Велес, заедно со Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар, кои директно на терен да ги согледаат состојбите, и да ги идентификуваат потребите и приоритетите за натамошна заштита, конзервација и валоризација на културното наследство.
Посетата започна токму од манастирската црква „Св. Димитрија“, свето место кое отсекогаш претставувало дел од духовниот и културниот идентитет на град Велес. Црквата „Св. Димитрија“ е прогласена за заштитено културно добро и претставува еден од највредните споменици на духовната и уметничката традиција во Македонија. Особено значајна е уникатната фреска „Страшниот суд“, која сведочи за високото ниво на фрескопис и богатата религиозна историја на нашите простори.
Во тековната 2025 година, реализирани се дополнителни истражувачки работи за утврдување на автентичниот живопис од 13 век во наосот и олтарот на црквата. Истите беа изведени со употреба на термичка камера – инфрацрвена термографија и мануелно отворање сонди на ѕидното сликарство. Воедно, извршена е и дигитална реконструкција на натписот од ктиторскиот портрет во припратата на црквата.
Нашата мисија е да го сочуваме и достојно да го промовираме ова свето место и неговото непроценливо културно богатство, како трајно сведоштво за духовниот и уметничкиот идентитет на Македонија.
Потоа посетена е Куќата на Апасиеви која во 2021 година е прогласена за културно наследство во опасност, претставува значаен дел од градската архитектура на Велес. За нејзино зачувување е изработен Основен проект за конзервација, реставрација и санација, избран е и изведувач, но во процесот на реализација се појавија одредени проблеми. Оваа посета се искористи заедно со екипата на Националниот конзерваторски центар, со цел да се увиди тековната состојба и да создадат услови за надминување на проблемите и се со цел продолжување на конзерваторско-реставраторските процеси.
Заедничка цел е целосна заштита на објектот, за што Министерството за култура и туризам обезбеди 4 милиони денари.
Во рамките на посетата посетен музејот и направен увид на спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Кочо Рацин и Васил Главинов – значајни личности кои се длабоко вградени во историјата на македонската култура, образование и општествена мисла.
Оваа посета е дел од континуираните заложби за стратешко планирање и унапредување на системот за заштита на културното наследство во целата држава, со посебен акцент на теренската проценка и вклученоста на стручната јавност во носењето на клучни одлуки.
Од страна на Министерството за култура и туризам, во рамки на Годишната програма за 2025 година, за поддршка на проекти во Велес има издвоено околу 20 милиони денари, инвестиција што претставува значаен придонес во заштитата, презентацијата и афирмацијата на културното наследство и во унапредувањето на активностите на културните институции во регионот.
Фото: Користени фотографии од Фејсбук страна на Зоран Љутков